Мицкоски се скара и со Азески

Азески прво им порача на опозициските партии да ги поддржат економските закони во Собранието по што Мицкоски се огласи со реакција

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати критики до претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, затоа што ги прозва опозициските партии да не ги кочат економските закони во парламентот.

Мицкоски, кој е во изолација поради позитивниот тест на ковид, на Фејсбук го притикува Азески и му порача да ја научи, како што вели, основна лекција и да не суди според лажни мислења.

„Врз основа на тоа што му го кажале Битиќи и Бесими, тој веднаш го впери прстот кон опозицијата и лаконски ја осуди без притоа да ја слушне таа што има да каже. Е па господине Азески имате погрешни информации, ве излажале, ве наседнале, жалам, очекував повеќе од вас, вистината е поинаква и да, еве ви ветувам вака јавно кога тие закони навистина ќе дојдат во парламентот, ќе ги поддржиме“, 

пишува Мицкоски.

Додава дека како партија сакаат да бидат партнери со бизнисот и го повика претседателот на Стопанската комора да застане со нив во, како што пишува, вистинските вредности за псас на повеќе работни места.

„Па и во минатите режимски времиња од едно мислење не се обвинувало, судело и пресудувало, осудениот имал право на свое мислење. Но, ете, тоа е нашата бизнис елита, а требаше да биде авангарда, кога веќе Владата не ја бива. Нема да слушнеме збор или два за најкорумпираната и најкриминалната Влада на Балканот, заробените институции, обвинителства и судови, дебаклот во економијата, изгубените работни места, неуспешните реформи во образованието, имунизацијата со ваксајнс, рекордите по заболени и починати од корона…“,

пишува меѓудругото Мицкоски.

Азески пак, како што пренесуваат повеќе медиуми му одговорил на Мицкоски дека има време за аргументи, но прво тој да се погрижи за здравјето

„Господине Мицкоски, Ви посакувам побрзо оздравување и закрепнување затоа што моето искуство за кое пишувате ме научило да го почитувам слоганот на нашата најуспешна компанија ‘Здравјето пред се’. После тоа има време и за аргументи“, 

одговорил Азески.

Претседателот на Стопанска комора, пред два дена на работната средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими, упати апел до сите парламентарни партии да ги изгласаат економските закони.

Секое кочење на законите, напомена Азески, значи сериозен удар за стопанството и компаниите. Опозицијата и другите партии, порача, да имаат предвид дека за бизнисот е важен секој денар и секој ден, особено во ваква ситуација, како што е актуелната со ковид.

„Сакам да упатам апел до сите парламентарни партии, да имаат предвид во каква ситуација се наоѓаме и да направат максимални напори економските закони да ги пропуштат. Иако, има добра волја од страна на Владата, со кочењето се создаваат лоши импути врз економската позиција на компаниите. Опозицијата и другите партии да го имаат тоа предвид зашто секоја пара и секој ден ни се значјни во оваа ситуација во која се наоѓаме“,

рече Азески.