38.000 лица над 70 години изразиле интерес за вакцинација против Ковид-19

Вкупно 55 970 лица досега изразиле интерес за вакцинација против ковид-19 преку веб-страницата „Vakcinacija.mk“, информира Министерството за здравство. Триесет и осум илјади од пријавените се лица над 70 години. Преку матичниот лекар за вакцинација се пријавиле 29 209 лица.

Со вакцинација на 202 здравствени работници вчера почна имунизацијата во земјава. Согласно направениот план за вакцинација на здравствените работници, први се вакцинираат медицинските лица кои работеле или работат со ковид пациенти од инфективната клиника, ГОБ „8 Септември“, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, интерните клиники кои хоспитализираа пациенти. 

Од Министерството за здравство велат дека од следната недела вакцинацијата ќе почне и кај здравствените работници во болниците низ државата, како и приватните болници.

„Со ова, нашата земја ќе биде една од ретките земји во Европа во која ќе ја имаат примено вакцината против ковид-19 сите здравствени работници кои лекувале пациенти позитивни на коронавирусот. Вакцините се безбедни и развиени на сигурни платформи. Во неделата, од Србија добивме 4680 од вкупно 8000 вакцини од компанијата Фајзер“, 

велат од Министерството за здравство.

Од таму додаваат дека во текот на следната недела се очекува да пристигнат и другите количини од Србија, а до крајот на февруари, се очекуваат да пристигнат и 200-те илјади вакцини од Кина.