Мерката отпис на камати ќе ги опфати долговите за комунални услуги направени до ноември лани

Услов за некој граѓанин да не ги плаќа каматите е да склучи договор со претријатието за исплата на долгот до 12 рати. Во спротивно, се враќаат затезните камати

Отпишувањето на каматите на долгови за комунални услуги ќе се однесува на периодот до ноември лани. 

Според оваа мерка што е дел од петтиот пакет антикризни мерки, обврска на граѓаните е да ја платат главнината на долгот.

„Даваме можност на секој граѓанин да добие отпис на камати, ако претходно направи репрограмирање за отплата на основниот долг на 12 месеци. Механизмот ќе биде дека сметководствено ќе му бидат отпишани каматите, но ако после првиот месец не продолжи со исполнување на договорните услови, затезните камати ќе почнат да течат како што течеле претходно“, 

појасни денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.

Во моментов се работи на законското решение, а граѓаните ќе бидат повикувани поединечно во јавните претпријатија за да не се прават гужви.

Отписот на каматите на долговите е една од мерките во петтиот пакет економски мерки што Владата неодамна го донесе. Предвидено е отписот да се направи во период од пет месеци. Ќе се отпишуваат каматите на долговите кои граѓаните ги имаат направено кон јавните претпријатија. 

Тука не спаѓаат ЕВН, БЕГ и други приватни компании кои даваат јавни услуги, но премиерот Зоран Заев на презентацијата на петтиот пакет ги повика и овие компании доколку се во можност да се приклучат со цел да им се помогне на најсиромашните граѓани.