Средба Милевски-Ќучук: Финансиска независност на општините е една од важните реформи кои ни го трасираат патот до европските интеграции

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски оствари средба со европратеникот и известувач за Северна Македонија на Европскиот парламент, Илхан Ќучук. Тие дискутираа за европските перспективи на земјава, имплементацијата на ИПА фондовите за прекугранична соработка со соседните земји, актуелната политичка состојба во државава и надминување на препреките кон целосното интегрирање во ЕУ.

– Европските перспективи за нас како земја се важни во сите полиња за да може да бидеме подготвени за тој процес за пристапување кон европското семејство. Како министерство за локална самоуправа поддршката од ЕУ и соработката со Делегацијата на ЕУ во земјава преку ИПА Фондовите прекугранично со соседните земји е клучно за градење на мостови на пријателство и јакнење на економија. Со Албанија остваруваме соработка и проекти заедно со општините насочени кон  животната средина, културното наследство, туризмот и јакнење на економијата преку претприемништво. Со останатите земји, Бугарија, Грција, Србија и Косово, како партнери во ИПА програмата проектите се во тек и остваруваме зближување на граѓаните за да се развиваат прекуграничните политики, појасни Милевски.

Тој рече дека го презентирал пред Ќучук новиот Закон за рамномерен регионален развој кој е важен во 8-те плански региони, за децентрализација на општините и нивна финансиска независност, што е една од важните реформи кои ни го трасираат патот до европските интеграции. Исто така разговарале за пописот, она што според Милевски периодов е најважен сегмент кој треба да се случи годинава и ќе ни биде од особено значење за креирање на реални локални политики.