Заев: ДИК побрзо да ги набави апаратите за отпечатоци на прсти за изборите

Премиерот повтори дека се залага за една изборна единица на парламентарните избори, како и за отворени листи на локалните избори, но и порача дека измените во Изборниот законик треба да се носат со консензус што би значело дека сите партии треба да бидат „за“

Премиерот Зоран Заев апелираше Државната изборна комисија (ДИК) побрзо да ги набави апаратите за отпечатоци на прсти кои би се користеле за избори затоа што тоа е превидено и во закон, а обезбедени се и пари.

„Ќе направиме се да набавиме. Министерот за финансии реагираше конкретно, пари има, ако дофалат имаме ребаланс. Дадовме и писмено од страна на Министерството на финансии за да можат претседателот на ДИК и цела ДИК веднаш да влезат во постапка на набавка на апаратите за отпечаток на прст. Верувам има современи европски технологии, тоа може брзо да се направи, имаме јасни постапки во државата, до изборите имаме некои 8 месеци во кои можеме да стигнеме. Апелирам ДИК брзо да влезе во постапка да ги набави овие апарати за гласање со отпечаток на прст за да може да се исполни ова законско решение кое постои“, 

изјави Заев.

Ако се користат апарати за отпечатоци на прсти, според премиерот, ќе се зголеми довербата во процесот на гласање. Тој вели дека МВР е подготвено да ја сподели базата со ДИК и нема пречки за да се реализира ова.

Ваквиот апел доаѓа и откако вчера во јавноста излегоа брифинзи од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, дека доколку не се набават вакви апарати можен е и бојкот на локалните избори.

Во однос на изборите, Заев зборуваше и за измените во Изборниот законик, за кои вчера потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, најави дека ќе почнат состаноците на работните групи од партиите.

Премиерот повтори дека се залага за една изборна единица на парламентарните избори, како и за отворени листи на локалните избори, но и порача дека измените во Изборниот законик треба да се носат со консензус што би значело дека сите партии треба да бидат „за“.

„Најважно е секогаш кога го чепкаме Изборниот закон да знаеме две работи, дека се носел секогаш со консензус и треба да продолжи така. На тој начин ја генерираме и заштитуваме довербата на граѓаните. Второ, веднаш сите последни препораки од ОБСЕ/ОДИХР да ги вградиме затоа што тие се аргументирани и тоа повторно ќе значи зголемување на довербата. Трето нашите ставови се јасни, ние се бориме за една изборна единица на парламентарните избори, сакаме отворени листи на локалните уште сега, тоа е дел од владина програма, но исто така сакаме сите да бидеме ’за‘ затоа што не е во ред дури и помала партија да излезе надвор, а само големите да се договараме за овие работи. Сакаме да ја слушнеме опозицијата, таа е многу важна затоа што таа мора прво да ја има довербата во Изборниот закон“, 

рече Заев.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, во преговорите за законските измени влегува и со барање локалните избори за градоначалници да се одржуваат само во еден круг.