Заев: Етничката припадност во личните карти не е спротивна на Преспанскиот договор

Премиерот Зоран Заев вели дека вметнувањето графа за етничката припадност во личните карти не е спротивно на Преспанскиот договор ниту, пак, Грција има задршки околу тоа.

Тој вели дека за да се направат вакви законски измени е даден збор откако тоа го побарала и аргументирала Беса уште во периодот кога се носеа уставните измени. Заев нагласува дека државјанството е една карактеристика што стои во документите, а етничката припадност друга и тоа никаде не е забрането.

„Аргументациите ги разгледавме јас и тимот, со сите стручни служби, секако тоа го проверивме уште еднаш низ Преспанскиот договор. Моите советници за надворешни работи, министрите за надворешни работи и тогаш и сега, разговарале, и апсолутно е во корелација со Преспанскиот договор. Важно е да се почитува до крај државјанството каде што стои ’Македонско/Граѓани на РСМ‘. Етничкиот идентитет е потврден и на Македонците со Преспанскиот договор како што е потврден и македонскиот јазик и апсолутно нема никакви загрозувања на кои било интересите дома и апсолутно нема пречи ниту задршки од страна на пријателска Грција“, 

вели Заев.

Тој вели дека го прочитал и интервјуто на претседателот Стево Пендаровски, кој не се согласува со ваквите законски измени. Тоа, вели Заев, е убавината на демократијата.

„Внимателно го читав интервјуто на претседателот, кој секако, ако мнозинството одлучи и го донесе законот, тој ќе го потпише указот. Убавината на луѓе кои веруваме во исти вредности е во тоа што понекогаш за одредени аспекти сме различни и тоа е многу логично. Сепак, претседателот е прв во државата, ова за мене е вредно. Нормално ќе разговараме за аргументациите“, 

изјави Заев.

Етничката припадност во личните карти е предлог на Движењето Беса и е дел од предизборниот договор меѓу партијата на Билал Касами и лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Предлогот е во собраниска процедура, а партиите на Албанците најавија дека ќе го поддржат. Предлагачите на законот за изменување и дополнување на Законот за лични карти по скратена постапка се четворица пратеници од Беса, кои предлогот го доставија во декември 2020 година.