Средба на министерот Спасовски со претставници од Државната изборна комисија, предводена од претседателот Даштевски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска имаше работна средба со претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски на која се разговараше околу измените на Изборниот законик, за воведување на отпечаток од прст во изборниот процес. Од страна на претставниците на ДИК беше побарана поддршка од МВР за достапност на одредени лични податоци на граѓаните кои ќе учествуваат во изборниот процес, во насока на спроведување беспрекорни фер и демократски избори со целосен легалитет и легитимитет на изборниот процес.

Министерот Спасовски ја потенцираше потребата од формирање заедничка работна група, која ќе ги реши сите дилеми и разлики во текот на постапката, но и нужноста од генерална стратегија за сајбер безбедност. Претставниците на Државната изборна комисија и министерот Оливер Спасовски ја нагласија потребата од законски измени со кои би се утврдил начинот на користење на отпечатокот од прст во текот на изборниот процес.