Од петок нови преговори меѓу опозицијата и власта

Партиите повторно влегуваат во преговори за измени во изборниот Законик. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се согласни дека на локалните избори треба да се воведат отворени листи, а веќе од следните парламентарни и една изборна единица. Високи партиски извори од ВМРО–ДПМНЕ брифираат дека разговорите ќе почнат во петок, а опозицијата ќе бара цензус од 3 % како и една преференца за отворените листи. Тоа значи дека избирачот ќе може да ја заокружи партијата и еден нејзин кандидат.

Но едно од барањата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде и воведувањето на нови избирачки места во дијаспората, но не во дипломатско конзуларните претставништва туку онаму каде што ќе се пријават поголем број избирачи.

За локалните избори опозицијата ќе бара и градоначалник да се избира по принципот – победник е оној кој освоил и еден глас повеќе од против кандидатот. Сепак за да се даде легитимитет потребна ќе му биде поддршка од најмалку 25 проценти од запишаните избирачи.

Но учеството на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, раководството го става под знак прашалник. Клучен предуслов е набавката на отчитувачи за отисоци. Од партијата велат дека ако продолжи одбивањето на Владата да ги набави овие апарати, можни се и оставки од членови на Државната изборна Комисија.

Високи партиски функционери во опозицијата алармираат дека ова е законска обврска согласно членот 108-А од Изборниот Законик изгласан на 16ти февруари лани.

За набавката се потребни најмногу 2 милиони евра велат од партијата, а опција е и да се изнајмат за да се заштедат пари. Поддршка според ВМРО-ДПМНЕ дава и коалицијата Алијанса и Алтернатива.

Дека ова е обврска предвидена со закон опозицијата ја брифирала и меѓународната заедница. Известен бил и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Раководството на партијата тврди дека веќе имаат собрано поддршка од 61 пратеник во парламентот, но гласањето доверба на Владата нема да се случи додека на своја страна немаат сигурни 65 пратеници. Високите партиски извори брифираат дека се стравува од притисоци од власта со кои дел од нив може да бидат предомислени.

Дел од проблемите во редовите на владејачкото мнозинство сметаат дека потекнуваат и од предизборниот договор СДСМ – БЕСА за личните карти. Од ВМРО ДПМНЕ велат дека СДСМ не сака да ја воведе етничката определба во документите поради Преспанскиот договор.

https://sitel.com.mk/