Филипче на средба со ЗНМ и со ССНМ: Новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат во втората фаза

Новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат во втората фаза, рекол министерот за здравство, Венко Филипе на средбата со Младен Чадиковски претседател на Здружението на новинари на Македонија, извршниот директорот на ЗНМ, Драган Секуловски и Тамара Грнчароска и Павле Беловски членови на Извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумските работници (ССНМ), информираа од МЗ.

На средбата се разговараше за важноста новинарите да бидат дел од приоритетните групи за вакцинација против КОВИД-19 поради природата на нивната работа и големиот ризик на изложеност на овој вирус.

Министерот Филипче на средбата информираше дека согласно Националниот план за КОВИД-19 вакцинација, новинарите и медиумските работници веќе се опфатени во втората фаза за имунизација и спаѓаат во делот на категоријата граѓани од витални институции за функционирање на државата, што значи дека новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат веднаш после завршување со вакцинирање на групите кои се предвидени во првата фаза, а за кои вакцинацијата започна вчера и е во тек.

Вакцинацијата за новинарите и медиумските работници од радиодифузерите, печатените и он-лајн медиумите, на целата територија на државата, ќе биде доброволна.

Изготвувањето на списоците на заинтересираните вработени во медиумите за вакцинирање ќе треба да бидат поднесени од секој медиум поединечно, во соработка со ЗНМ, ССНМ и Министерството за здравство. Терминот за вакцинирање на пријавените во медиумите ќе се утврдува согласно протоколите за имунизација на Министерството за здравство, а детали околу постапката за пријавување ќе следи во текот на следните две недели.