Поранешната сметководителка во ФФМ и по отказот, со нелегален влез во системот, бришела докази за криминалот

Поранешната сметководителка во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), О.М., која е под обвинение за финансиски криминал од 2,4 милиони евра, се соочува и со дополнително обвинение откако финансиската полиција доставила посебен извештај за сомнение за кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ според членот 251 од кривичниот законик.

Сметководителката и по добиениот отказ од ФФМ успевала да влезе нелегално во системот за сметководство на куќата на фудбалот, а потоа ги бришела и прикривала доказите за спорните трансакции.

„Лицето О.М., откако била отстранета од работното место во Фудбалската федерација, во периодот од 13.10.2019 до 28.10.2019 година во повеќе наврати, неовластено пристапувала до програмата за сметководствената евиденција на Фудбалска федерација преку апликацијата ‘Тим Вјуер’ (TeamViewer) од нејзинот персонален компјутер надвор од просториите на ФФМ и вршела измени – прекнижување, докнижување и бришење ставки во сметководствената евиденција на ФФМ, со цел да ги прикрие трагите од сторените кривични дела кои ѝ се ставаат на товар, сите опишани во кривичната пријава веќе поднесена од страна на Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“ – наведува во својот извештај Управата за финансиска полиција.