Милевски: Со ладни глави и жешки срца против Исланд, мотивира шансата за бараж

Македонската А репрезентација се подготвува за својот последен натпревар од квалификациите за пласман на Светското првенство 2022 во Катар.

Ривал на избраниците на селекторот Благоја Милевски е Исланд од 18.00 часот в недела на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје.

Се очекува полни трибини, а има и добра причина затоа што со триумф „рисовите“ ќе го обезбедат второто место кое води во баражот за СП.

– Не се согласувам дека пред нас е најтешкиот натпревар. Овој меч со Исланд ни е последен во квалификациите и секако зависи околу остварувањето на целите. Но, се подготвуваме како за сите претходни натпревари кои исто така беа важни. Оваа шанса да се најдеме во баражот за СП не носи притисок кај играчите, туку дополнително мотивира. Со „ладни глави“, но и жешки срца се надеваме дека со триумф ќе ги израдуваме навивачите кои посакувам да ги има во што поголем број на трибините.

Ерменија е веќе минато, сега одиме на победа против Исланд. Не чувствуваме никаков притисок, подобро да одлучуваш сам, отколку да се чека од друг – посочи Милевски.

Стратегот на „црвено-жолтите“ вели дека здравствениот билтен е добар, нема повредени, сите се здрави, но не очекува ист наатпревар како оној против Ерменците. Очекува поразлична средба во обид да се одговори тактички. Воедно вели дека да не смеат да се повторат индивидуалните грешки од првиот дуел против Исланѓаните во Рејкјавик што чинеа само освојување на бод.