Нова збунувачка студија – Дали само една доза од Фајзер вакцината е доволна за заштита?

Новата студија на канадските научници која тврди дека само една доза од вакцината на Фајзер штити доволно, поради што велат може да се пролонгира примањето на втората доза, нема да влијае на процесот на имунизација во Македонија. 

Од нашето министерство за здравство велат дека засега секој што примил вакцина од „Фајзер“ во земјава –  ќе прими и ревакцина после 21виот ден. 

„Министерството за здравство и Националниот комитет за имунзација против Ковид19 ги следат препораките , но засега нема измена на планот за имунизација на граѓаните во нашата земја, секој што примил вакцина ќе прими и ревакцина за 21 ден.“ – велат од Министерство за здравство.

Дел од лекарите пак велат дека станува збор за релевантна студија и дека треба да се разгледаат ваквите наоди, особено во период кога светот се соочува со недостаток од вакцини.

„Тоа што беше презентирано е дело на кандските научници кои ги анализираа податоците од Фајзер и Бионтек. Значи тоа се официјални документи и податоци кои ги презентирала компанијата. Имаме потврда и од израелските научници кои што утврдија дека има 85 % ефикасност од првата доза, така што и те како треба креативно да размислуваме во време на недостаток и недоволен број на вакцини, очигледно дека Фајзер е најефикасна и дека една доза може да постигне доволно имунитет кај огромен број  – 85%, штом го потврдиле и Израелците мислам дека тоа е голема бројка.“ – вели д-р Божидар Кочоски од Асоцијација на млади лекари и специјализанти. 

Научниците кои што ја објавија студијата ги повикаа владите да ја одложат примената на втората доза од вакцината „Фајзер/Бионтек“ затоа што веќе по првата доза се покажува дека нејзината ефикасност е 92,6 отсто, со цел како што велат да се зголеми достапноста до вакцините. 

„Со оглед на моменталниот недостиг на вакцини, одлагањето на втората доза е прашање на национална сигурност, кое ако се игнорира, сигурно ќе резултира со илјадници хоспитализации и смрт поради Ковид-19 во текот на зимата во САД“, се вели во студијата. 

Од компанијата „Фајзер“ пак излегоа со став дека нивната препорака е вакцината да се прима во две дози во растојание од 21 ден. Се уште не тестирале други распореди за вакцинација и затоа велат дека одлуката за давање само една доза ја препуштаат на здравствените власти.