Смртоносен напад во Норвешка со лак и стрела, 5 загинати, 2 лица ранети

Маж изврши напад со лак и стрела во градот Конгсберг, кој брои околу 28.000 жители и се наоѓа југозападно од Осло.

Напаѓачот е уапсен, а полицијата истражува дали користел некое друго оружје.

Полицијата утрово соопшти дека напаѓачот е 37-годишен дански државјанин кој живее во Конгсберг. Сè уште не го откри неговиот идентитет ниту за што точно е обвинет, пишува Си-ен-ен.

„Веруваме дека осомничениот дејствувал сам за време на нападот“, соопшти полицијата.

Меѓу повредените, кои во моментов се во болница, има полицаец кој не бил на должност.

Нападот се случил во 6:30 часот по локално време, а полицијата соопшти дека ќе спроведе истрага за да утврди дали има врска со тероризмот.

„Сè уште не е јасно, прерано е да се каже дали станува збор за терористички напад“, изјави вчера портпаролот на норвешката полиција.

Истрагата е во тек, а полицијата соопшти дека ќе изврши претрес во станот во кој живеел напаѓачот. Засега изгледа дека дејствувал сам.

По нападот, полициската управа им нареди на полицајците низ целата земја да носат огнено оружје. Норвешката полиција е генерално невооружена, но полицајците имаат пристап до оружје кога е потребно.

Полициската управа рече дека ова е мерка на претпазливост и дека „засега нема индикации дека ќе има промена на националното ниво на опасност“.

Бројот на убиени го прави ова најлош напад во Норвешка од 2011 година, кога крајно десничарскиот екстремист Андерс Беринг Брејвик уби 77 луѓе, главно тинејџери кои присуствувале на политички камп за млади.

blank
blank
blank