Меркел ја призна нејзината најголема грешка во однос на менаџирањето на пандемијата

Германската канцеларка во заминување, Ангела Меркел, се осврна на борбата на Германија со пандемијата на коронавирусот.

Таа изјави дека најслабиот момент во борбата против пандемијата била заштитата на старечките домови минатата зима.

Тогаш најмалку 30.000 луѓе починаа од зараза со коронавирусот. Меркел изјави дека станува збор за фаза поради која се уште е тажна.

„На Божиќ минатата година, кога веќе имавме тестови, предолго траеја напорите на владата во старечките и во домовите за нега да биде воведен режим на тестирање со цел да бидат заштитени луѓето“,

објасни таа.

Вели дека лично преку телефонски разговори се обидела околу Божиќ да помогне во воведувањето на тестирањата.

„И покрај тоа предолго време требаше тестирањето да биде применето и воведено. Тоа беше најслабиот момент во борбата против пандемијата“,

истакна Меркел.