Сопругата на Ел Чапо уапсена во САД

Американската полиција ја уапси сопругата на поранешниот мексикански наркобос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман. Ема Коронел Аиспуро е обвинета за шверц на дрога.

Сопругата на мексиканскиот наркобос Хоакин Гузман, наречен Ел Чапо, синоќа е уапсена на меѓународниот аеродром во Вашингтон поради сомнеж дека е вмешана во мрежа на растурање дрога, јавија американските власти.

Ема Коронел Аиспуро (31), која има американско и мексиканско државјанство треба денеска да излезе пред сојузен судија. Таа е обвинета дека учествувала во дистрибуција на кокаин, метамфетамин, хероин и марихуана.

Доживотен затвор плус 30 години

Нејзиниот сопруг, кој цели 25 години беше на чело на картелот Синалоа и порано беше сметан за најмоќен нарко дилер на светот, е осуден во јули 2019 година на казна доживотен затвор плус 30 години во САД.