НАСА со скриена порака во падобранот на роверот „Персеверанс“, татко и син ја декодираа

Инженерите на НАСА минатата недела при спуштањето на роверот „Персеверанс“ на површината на Марс известија дека во падобранот имало скриена порака.

На падобранот беа забележани декорации во вид на црвени и бели ознаки, а Ален Чен, инженерот одговорен за системот за слетување, ги повика сите да се обидат да откријат што означуваат тие.

„Понекогаш оставаме пораки во нашата работа“, изјави Чен.

Максанс Абела, 23-годишен студент по компјутерски науки од Париз, веднаш разбрал дека падобранот содржи код. Тој го повикал својот татко Жером, софтверски инженер од лондонската канцеларија на „Гугл“, за да го решат.

„Сакаме вакви мали предизвици. Не мислевме дека можеме да го решиме, но си рековме барем да се обидеме“, изјави Абела.

Само два часа по изјавата на Чен, синот и таткото излегоа со решението на скриената порака, напишана во бинарен код, откривајќи дека таа гласи „Dare Mighty Things“ (Осмели се да правиш моќни работи, што претставува мотото што често го користи Лабораторијата за млазен погон на НАСА во Калифорнија, која го изгради „Персеверанс“.