Одобрена вакцината на Џонсон и Џонсон за постари од 18 години

Советот за вакцини при Американската агенција за храна и лекови ја одобриле вчера употребата на вакцината  на компанијата Џонсон и Џонсон прортив коронавирусот, јавува Си-Ен-Ен.

ФДА и Одборот за биолошки производи јавно гласале вакцината да се одобри за итни случаи за лица постари од 18 години.

Доколку бордот на ФДА ги испочитува препораките, вакцината на компанијата Џонсон и Џонсон ќе биде трета која е одобрена во САД, а од Модерна и Фајзер се разликува по тоа што содржи само една доза и може да се чува во обични фрижидери, односно не бара екстремно ниски температури.

Вакцината клинички е тестирана на повеќе од 44.000 лица во САД, Јужна Америка и Латинска Америка.

Глобално, покажала ефикасност од 66 отсто во спречување на среден и тежок облик на Ковид 19.

Кога станува збор за тестовите кои се правени во САД ефикасноста била 72 отсто, а 85 отсто е ефикасна против развивање на тежок облик на Ковид 19.

Никој кој ја примил таа вакцина не починал, додава Си-Ен-Ен, а се очекува граѓаните да почнат да се вакцинираат со оваа вакцина уште од следниот понеделник.