Германија со нови мерки: Делумно отворање и бесплатен тест за секој граѓанин

Покрај вакцинацијата, Меркел потенцираше дека и тестирањето останува клучно во борбата против ширењето на вирусот, па така од понеделник секој граѓанин ќе има по еден бесплатен тест за ковид-19 на неделно ниво

Германските власти се согласија да ги продолжат мерки за затворање до 28 март, но дозволија и делумно отворање во зависност од состојбите во секој регион.

Како што рече премиерот на Баварија, Маркус Содер, тие се „комплицирани, но нема простор за толкување“.

Од понеделник (8 март) ќе им биде дозволено на луѓето од едно домаќинство да се сретнат со пет лица од друго домаќинство наспроти досегашните ограничување за средба со само едно лице од друго домаќинство.

Доколку во одреден регион седум дена по ред бројот на нови случаи е помал од 35 на 100 000 жители, тогаш Германците ќе може да се среќаваат со луѓе од две семејства односно максимум 10 лица.

Во однос на бизнисите, условите за постепено отворање предвидуваат отворање на продавниците доколку инциденцата на нови случаи е по 50 на 100 000 жители. Во спротивно, ќе биде дозволено само купување преку Интернет со можност граѓаните сами да ги подигаат продуктите од продавница.

Рестораните и кафулињата, пак, ќе можат да примаат гости на терасите доколку бројот на нови случаи во регионот во последните 14 дена е под 50 на 100 000 жители.

Слични услови има и за отворањето зоолошките градини, ботаничките градини, музеите, галериите…

Без оглед на инциденцата, пак, од 8 март дозволено е работење на цвеќарници, градинарски продавници и книжарници, како и училиштата за возење и летање.

Правилото за работа од дома каде што е можно е продолжено до крајот на април.

Сепак, планот за постепено отворање содржи и т.н. „сопирачка за итни случаи“ со што им се овозможува на властите веднаш да ги вратат мерките за затворање при раст на бројот на новозаразени од 100 случаи на 100 000 жители.

По состанокот со сојузните премиери на кој беа донесени мерките, Меркел рече дека се одлучиле да преземат вакви чекори за да не се предизвика раст на новозаразените и враќање назад.

Таа оцени и дека сегашната ситуација е многу подобра од лани.

„2021 година нема да биде како 2020, сега сме многу подалеку. Сега имаме вакцини и тестови. Вакцината е излез од пандемијата“,

рече Меркел.

Покрај вакцинацијата, таа потенцираше и дека тестирањето останува клучно во борбата против ширењето на вирусот, па така од понеделник секој граѓанин ќе има по еден бесплатен тест за ковид-19 на неделно ниво.

Процесот на имунизација, пак, најави дека ќе стане пофлексибилен за да не „пропаѓаат“ термините за вакцинација, а вакцини ќе има и кај матичните лекари.