НОВ НИГЕРИСКИ СОЈ НА ВИРУСОТ: Прв случај идентификуван и во Италија

Во италијанскиот град Неапол, идентификуван е првиот случај на нова варијанта на корона вирусотот, наречен Б.1.525, за кој се верува дека потекнува од Нигерија, пишува денеска „Кориере дела сера“. Досега, овој сој беше пронајден во Велика Британија, Данска и САД, но сега, за прв пат, анализите потврдуваат дека е увезен и во Италија.

Варијантата е пронајдена кај лице кое се вратило од Африка, соопштија научници од италијанскиот Институт за здравство. Варијантата на корона вирусот Б.1.525 има некои сличности со британскиот сој, но исто така има мутација наречена Е484К, која е присутна и во бразилската и во јужноафриканската верзија и има карактеристики што овозможуваат вирусот делумно да „избега“ од антитела и ја ослабуваат ефикасноста на вакцините.

Во нигериската варијанта, постои и мутација наречена Q677H, што исто така влијае на протеинот „спајк“ што вирусот го користи за полесно да навлезе во човечките клетки.

Научниците сè уште не ги знаат целосно карактеристиките на оваа варијанта, но по аналогија со британската верзија, тие сугерираат дека може полесно да се пренесе и да биде посмртоносна.

-Што се однесува до заштитата од вакцините што се користат во Италија, имено Модерна, Фајзер/БионТек, и АстраЗенека, за нив се знае дека се ефикасни против британскиот сој, но исто така е познато и дека АстраЗенека, како и некои вакцини кои не се користат во ЕУ, не делуваат кај јужноафриканскиот сој, со кој нигерискиот вирус дели специфична мутација, наведува италијанскиот весник.