Што претставува Burnout синдромот

Доколку сè почесто се соочувате со проблеми при менаџирањето на стресот предивикан од работните обврски, голема е веројатноста да се соочувате со Burnout Syndrome, или синдром на прегорување. Чувство на исцрпеност, неисполнетост и неможност за справување со секојдневните обврски се дел од најчестите симптоми.

Што всушност претставува Burnout-синдром?

Burnout е релативно нов термин, за прв пат употребен во 1974 година од Херберт Фројденбергер, во неговата книга „Burnout: The High Cost of High Achievement“. Тој првично го опишува терминот како целосно исчезнување на мотивацијата, поттикот и иницијативата кај личноста, особено кога нејзината посветеност и намера нема да вродат со посакуваните резултати.

Синдромот на прегорување е состојба на ментална, физичка и емоционална исцрпеност, предизвикани од преголем стрес.

Повеќето луѓе, најголем дел од будните часови ги поминуваат на работното место, па затоа како најчест извор се адресира токму стресот предизвикан од работата.

Знаци и симптоми

Иако burnout- синдромот не е дијагностицирано психолошко нарушување, дели некои слични симптоми со депресијата и сепак треба да се сфати сериозно:

  • Оддалечување од работните активности.Поединците кои се соочуваат со овој синдром, своите работни места ги гледаат како сè постресни и фрустрирачки. Тие почнуваат да се дистанцираат од своите колеги, а на работните обврски гледаат со доза на дрскост и цинизам.
  • Физички симптоми: Хроничниот стрес може да предизвика физички симптоми како што се главоболка, стомачни болки и проблеми со цревата.
  • Емоционална исцрпеност: Поединците се соочуваат со чувство на исцрпеност, умор и неможност за справување. Тие честопати немаат енергија за да ги завршат своите работни обврски.
  • Намалени перформанси: Потешкотии при извршувањето на секојдневните обврски. Луѓето кои се соочуваат со овој проблем чувствуваат негативност во однос на задачите, имаат тешкотии во концентрацијата и честопати немаат креативност.

Поедноставно кажано, доколку се чувствувате исцрпено, почнувате да ја мразите вашата работа и имате чувство дека сте помалку способни за извршување на работните обврски, тогаш најверојатно се соочувате со овој синдром и време е да направите некои промени.

Ризик фактори

Работата поврзана со висок стрес не секогаш доведува до Burnout-синдром, доколку стресот се менаџира добро. Сепак, одредени професии и поединци се изложени на поголем ризик од останатите. Според направените истражувања, 44% од лекарите се соочуваат со овој синдром.

  • Временски притисок: Работниците кои имаат доволно време да ги завршат своите обврски имаат 70% помали шанси да доживеат синдром на прегорување. Од друга страна, пак, работниците кои не се во можност да добијат повеќе време, како што се пожарникарите и лекарите, се изложени на поголем ризик.
  • Недостаток на комуникација и поддршка: Поддршката и признанието од страна на претпоставените се клучни. Работниците кои чувствуваат силна поддршка од претпоставените имаат 70% помалку шанси да се соочат со овој синдром.
  • Недефинирани работни задачи: Само 60% од работниците точно знаат кои се нивните работни одговорности.
  • Нефер третман: Работниците кои сметаат дека се третирани неправедно на работното место имаат 2,3 пати поголема веројатност да доживеат синдром на прегорување. Нелојалниот третман на работното место може да вклучува фаворизирање на одредени поединци, како и тормозење од страна на колеги.

Превенција и третман

Состојбата на Burnout не е трајна и може успешно да се надмине, а за тоа неопходно е да се направат некои промени во работното опкружување.

  • Разговор со претпоставените: Искрениот разговор со претпоставените и адресирањето на проблемите може да бидат корисни доколку и од двете страни постои желба за надминување на состојбата. Во некои случаеви, може да биде неопходно и промена на работното место.
  • Дефинирање на јасни стратегии за справување со стресот: Развијте јасни стратегии и посветете повеќе внимание на грижата кон себеси, како што е јадењето здрава храна, вежбањето и стекнување здрави навики на спиење. Одморот може да понуди повремено олеснување, но промените во секојдневната рутина се клучни.
  • Професионален третман: Доколку се чувствувате безизлезно, побарајте помош од психолог кој ќе ви помогне да ги најдете најдобрите решенија и стратегии за справување со овој проблем.