СДСМ: Мицкоски на прес-конференции зборува едно, а преку соопштенија кажува друго

Од владејачката СДСМ велат дека иако лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски вчера велел дека зачувувањето на чист македонски јазик во ЕУ е измислен успех, дека никогаш не бил спорен македонскиот јазик, неговата партија ВМРО-ДПМНЕ денес тврдат дека јазикот ни бил загрозен.

Едно зборува Мицкоски на прес-конференции, друго преку соопштенија од белиот дворец. Кој Мицкоски е реален, овој од денеска кој тврди дека македонскиот јазик ќе биде оспоруван пред ЕУ или тој од вчера кој велеше дека македонскиот јазик не е спорен?, прашуваат од СДСМ.

Според СДСМ, ваквото „несериозно однесување“ за важни национални прашања само потврдуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски „немаат државнички капацитет и нивните ставови се менуваат од ден за ден“.

Во предлогот на француското претседателство јасно може да се види дека се содржани нашите ставови и забелешки, дека имаме чист македонски јазик во ЕУ, дека македонскиот идентитет е заштитен целосно, а историските прашања не се дел од преговарачкиот процес, заклучуваат од СДСМ.