Македонија ќе игра на Светското првенство, Кузмановски ја урна Чешка во Скопје

Македонската машка сениорска репрезентација на реванш натпреварот од баражот за пласман на Светското првенство во 2023 година вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, ја совлада Чешка со 27:25. Потсетување дека на првиот меч во Злин беше нерешено 24:24.

Чесите поведоа со голот на К. Матеј во својот прв напад, стигна израмнувањето преку Кузмановски за 1:1. Чешка повторно водеше со голот на левото крило Хрстка, ние згрешивме во следниот напад, па им дадовме можност на противниците да ја зголемат предноста. Но, тоа не го направија бидејќи следуваа две одбрани на Митревски. Се поправија гостите преку Кашпарек за 2:3 во петтата минута од средбата. Имавме можност преку Атанасијевиќ да израмниме, но не успеавме, па стигна казната од контранапад преку Чип за веќе плус два (2:4) на Чесите.

Брзо стигнавме за нов егал со погодоците на Талески и Пешевски, ривалите почнаа да грешат по огромниот притисок кој го правеа навивачите од трибините. Атанасијевиќ со првиот и Пешевски со вториот гол ја крена публиката за водство од 6:4. Македонија беше во налет, следуваше нов погодок од Талески од бековската позиција, а нашата серија ја прекина Земан во 14 минута за 7:5. По првиот гол на селекторот Лазаров чешкиот селектор Сабате го повика првиот тајм-аут на мечот.

По минутата одмор Чесите врзаа два гола во низа за 8:7, вториот беше дело на Хрстка, а ние не реализиравме седмерец преку Серафимов. Се поправивме преку Миркуловски кој го имаше својот последен настап во репрезентативниот дрес. Доаѓаше поддршка од сите страни за нашите најдобри ракометари, тоа се круниса со вториот гол на Миркуловски во 23 минута за 12:9. Имавме ново исклучување кое овојпат го доби пикерот на Вардар, Стоилов.

Одржувавме позитива од два голови разлика, расположениот Митревски дојде и до осмата одбрана. Георгиевски имаше празна мрежа, но не погоди, па на пауза заминавме со предност од 14:12.
Издржавме на стартот од вториот дел без исклучениот Талески, па следуваше четвртиот гол на Кузмановски од пенал за 16:13 на семафорот, па возврати Бабак на спротивната страна за намалување. Играчот на Хановер-Бургдорф, Кузмановски на секаков начин доаѓаше до погодоци, а по третиот гол на Пешевски Чесите одново побараа тајм-аут за 20:16. Следуваа грешки и на обете страни, од контра успеавме преку Талески да погодиме за 21:18, па намали Томас за одржување на неизвесноста.

На 10 минути до крајот на средбата при 24:22, Лазаров ги повика своите играчи за дополнителни совети.Во незгоден момент Талески доби две минути исклучување, па Чешка имаше шанса да намали на само минус еден, но одличниот Митревски беше еден од нашите клучни ракометари, па следуваше ерупција по голот на Јагуриновски за 25:22. Чесите се вратија во игра со два голови во низа на нешто помалку од пет минути до крајот, но и останаа без играч помалку поради двете минути на Кашпарек. Не успеавме во нашиот следен напад, Кузмановски имаше погрешно додавање, но го спречивме новиот напад на гостите, па Лазаров побара нов тајм-аут. Кузмановски во финишот со нови погодоци ги урна сите надежи на Чешка и на крајот Македонија заедно со навивачите го прославија осмото учество на Мундијалите.