Британскиот министер за здравство: 20.000 луѓе годишно умираат и од грип, па не ја затвораме земјата

Мораме да научиме да живееме со Ковид-19 бидејќи болеста може да остане меѓу нас засекогаш, рече британскиот министер за здравство, Саџид Џавид, во време кога Британија ги укина повеќето мерки и ограничувања кои ги наметна ковид-19 пандемијата во земјата.

„Мораме да научиме да живееме со него. За жал, луѓето умираат и од грип: во тешка година со грип, за жал, може да изгубите околу 20.000 животи, но не ја затвораме целата земја“,

истакна Џавид за „Скај њуз“.

„Ковид нема да замине. Ќе биде меѓу нас многу многу години, можеби засекогаш, и мора да научиме да живееме со него. Мислам дека сме лидери во Европа во транзицијата од пандемична во ендемична и водиме во покажување на светот како може да живее со Ковид-19“.

заклучи министерот.

Британскиот премиер Борис Џонсон вчера најави дека следната недела ќе ги укине повеќето рестриктивни мерки воведени за контрола на омикрон сојот на коронавирусот во Англија, како и дека во март планира да ја укине изолацијата за луѓето кои биле позитивни на вирусот.

Од 27 јануари носењето маска веќе нема да биде задолжително, нема да биде официјално препорачливо да се работи од дома, а ковид потврдите веќе нема да се бараат за влез во ноќни клубови и одредени поголеми собири, изјави конзервативниот лидер во парламентот.